На 27.12.2021 година во Службен весник на РСМ е објавен Новиот Закон за медијација („Службен весник на Република С.Мaкедонија“ бр. 294/2021). НОВИОТ ЗАКОН ЗА МЕДИЈАЦИЈА е влезен во сила од 04.01.2022 година односно осмиот ден од објавувањето во Службен весник на РСМ. Со денот на влегувањето во сила на НОВИОТ закон престанува да важи Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ број 188/13, 148/15, 192/15 и 55/16).
Медијацијата, во согласност со Законот за медијација (Сл. весник на РСМ бр. 294/2021), е посредување и начин на решавање на споровите наведени во член 1 од овој закон, настанати меѓу две или повеќе страни во спорот, при што им се овозможува да го решат по пат на мирење, со посредство на трета неутрална страна медијатор/медијатори, со можност да постигнат заемно прифатлива писмена спогодба.
При користењето на медијацијата за решавање на споровите главна улога имаат начелата на медијацијата, кои ја издвојуваат како најпривлечна пред другите методи на алтернативно решавање на споровите или пред судовите. Начелата на медијацијата се: доброволност, рамноправност и неформалност, непристрасност, доверливост (исклучена е јавноста од постапката и сите информации од постапката се доверливи), достапност на информации (нема достапност на информациите од медијацијата во други постапки), еднаквост, правичност, ефикасност и економичност. Во согласност со Законот за медијација во Република Северна Македонија (Закон за медијација, Службен весник на Република Северна Мaкедонија бр. 294/2021), медијацијата се применува при имотно-правни спорови што произлегуваат од оставински постапки, семејни спорови, работни спорови, трговски спорови, при потрошувачки спорови, осигурителни спорови, спорови што произлегуваат од постапките на нотарски платни налози, при спорови од областа на образованието, спорови од областа на безбедност и здравје при работа, спорови од областа на здравствената заштита, при спорови од областа на заштитата на животната средина, спорови во врска со дискриминација, спорови поврзани со граѓанската одговорност за навреда и за клевета и во други спорни односи настанати меѓу домашни и/или странски физички и правни лица, каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување. Одредбите од овој закон се применуваат и во кривични предмети, доколку не е поинаку определено со посебен закон.
Со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за парнична постапка (Службен весник на РМ бр. 124./15), со член 47 од Законот, извршена е измена на член 461 од пречистениот текст на ЗПП, според кој „во стопанските спорови за парично побарување чија вредност не надминува 1.000.000 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесувањето на тужбата, да се обидат да го решат спорот по пат на медијација. При поднесувањето на тужбата, тужителот е должен да приложи доказ издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал. Тужбата кон која не е приложен доказот од став (2) на овој член судот ќе ја отфрли.“ Оваа одредба од ЗПП е влезена во сила од февруари 2016 година.
- Постапката на медијација е значително поекономична од која било друга постапка за решавање спорен однос. Наградата и надоместот на реалните трошоци на медијаторите се определуваат според административно-техничките трошоци, кои ги опфаќаат трошоците потребни за започнување на постапката и за нејзино спроведување.ТАРИФНИК ЗА МЕДИЈАТОРИ
- Постапката на медијација може да биде бесплатна за страните, во случај кога страните и медијаторот ќе се договорат за тоа или кога е тоа уредено со закон.
- Она што е особено важно од аспект на сите оние кои потпаѓаат под Законот за јавни набавки во Република Македонија е тоа дека за постапката на медијација не е потребно распишување тендер поради природата на постапката.
- За разлика од судската постапка, постапката на медијација е неформална постапка, но се спроведува врз основа на строга писмена согласност на страните, освен во спорните односи каде што со посебен закон започнувањето постапка на медијација е предвидена како услов за водење судска или друга постапка.
- Со поднесување барање за поведување постапка на медијација од член 17 од Законот за медијација започнува прекин на рокот за застареност на побарувањето кое е предмет на спорниот однос и трае до завршувањето на постапката за медијација, но не подолго од 90 дена од денот на поднесувањето на барањето. Кога постапката на медијација завршува без постигната спогодба, рокот на застареност на побарувањето од став (1) на член 20 од Законот за медијација продолжува да тече од денот на завршување на постапката на медијација. Кога странките постигнале делумна спогодба, застареноста на побарувањето за кое не е постигната согласност во случајот продолжува да тече од денот на потпишувањето на делумната спогодба.
- Рамноправноста на страните во постапката на медијација се обезбедува преку должноста на медијаторот да им обезбеди рамноправна положба на сите страни кои учествуваат во постапката, независно од нивната професија, позиција во компанијата или во општеството, од полот, возраста, економската нееднаквост, како и од сето она што може да ги доведе во нерамноправност страните во постапката.
- Начелото на неутралност се обезбедува со тоа што во постапката за медијација медијаторот постапува неутрално и непристрасно во однос на страните или на спорниот однос.
- За разлика од судската постапка, постапката на медијација е доверлива постапка. Ова значи дека сите информации што произлегуваат или што се поврзани со постапката на медијација ќе останат доверливи, освен ако страните писмено не се договориле поинаку. Оттука, постои и должност за страните, нивните законски застапници и полномошници, за медијаторите, третите лица кои присуствуваат на постапката на медијација, како и за лицата кои извршуваат административни работи за потребите на медијацијата, сите податоци, предлози и изјави во врска со постапката на медијација да ги чуваат како тајна и да одговараат за штетата настаната со повреда на оваа обврска.
- Предлозите изнесени во текот на медијацијата, дадени исклучиво во насока на постигнување спогодба, не можат да се користат во судска, арбитражна или во друга постапка, ниту да се соопштат на друг начин.
- Во постапката на медијација јавноста е исклучена и во неа учествуваат само страните во постапката, а по исклучок, доколку страната не е деловно способна или, пак, доколку има ограничена деловна способност надвор од границите на деловната способност, ја застапува законски застапник.
- Страните и другите учесници во постапката на медијација кои зборуваат друг јазик, различен од македонскиот јазик и од неговото кирилско писмо, имаат право да ги користат својот јазик и своето писмо во постапката на медијација.
- Доколку се работи за правно лице, тоа е застапувано од законски застапник, односно од овластен полномошник. Предвидено е дека полномошниците на страните можат да учествуваат во постапката на медијација, освен ако нивното учество не е исклучено со посебен закон. Исто така, во постапката на медијација е дозволено да присуствуваат и трети лица, но само со дозвола на сите страни кои учествуваат во постапката на медијација.
- Придобивките од медијацијата во однос на сите други начини на решавање спорови се огледа во тоа што временски се намалува времето за кое се решава спорот. Трошокот на постапката за медијација е значително понизок за разлика од судската постапка, за која се плаќаат дополнителни трошоци за судски такси и за вешти лица или, пак, адвокатски трошоци. Постапката на медијација е флексибилна постапка, во која страните во постапката, заедно со медијаторот, заемно ги договараат начинот и зачестеноста на средбите за медијација. Постапката на медијација може да се води во просториите на медијаторот, во компанијата или, пак, на некое трето место на кое ќе се согласат страните во спорот.
- Страните во спорот можат при постапката на медијација да се сретнат на заедничка средба или, пак, доколку се договорат, може да се среќаваат и на посебни средби. Постапката на медијација го намалува стресот на страните во спорот и ја продолжува нивната комуникација.
- Веројатно е дека страните во спорот ќе ја исполнат спогодбата, затоа што заедно со медијаторот и со другата страна доаѓаат до спогодба која им одговара подеднакво на сите страни во спорот. Спогодбата во постапката на медијација може да се солемнизира кај нотар и да добие својство на извршна исправа, што ја прави подобна за извршување, без да има можност да се побива со правни лекови или, пак, да се оди на повисока инстанца на одлучување.
- Постапката на медијација им овозможува на страните во спорот да бидат сигурни дека, во меѓувреме, нема други паралелни постапки за соодветниот спор. Ова е од причини што страните кои започнале постапка на медијација немаат право истовремено, односно додека трае постапката на медијација, да започнат судска, арбитражна или друга постапка за спорниот однос кој е предмет на медијацијата, освен ако се работи за времени мерки или за мерки за обезбедување.
|