БЕЗ ВКЛУЧЕНОСТ НА ЗДРЖЕНИЈАТА И АСОЦИЈАЦИИТЕ ВО ОБРАЗОВНИТЕ ПРОЦЕСИ НЕМА КВАЛИТЕТНО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ
➢ Актуелно (26.04.2024, во 08:19:00)
👁 Прочитано: 1324





БЕЗ ВКЛУЧЕНОСТ НА ЗДРЖЕНИЈАТА И АСОЦИЈАЦИИТЕ ВО ОБРАЗОВНИТЕ ПРОЦЕСИ НЕМА КВАЛИТЕТНО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕКликни за повеќе

Учењето од добри практики и пренесување на позитивните искуства за зајакнување на улогата на компаниите, асоцијациите, здруженијата, групациите и другите форми на бизнис здружување  како соодветни партнери на државата за подобрување на квалитетот на стручното образование, беше целта на дводневната студиска посета во Цирих, Швајцарија (25-25 април 2024 година) на претставници од здруженијата и групациите во рамките на Стопанската комора. Студиската посета се реализира со поддршка преку програмата „Образование за вработување (Е4Е)“, која е финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), која има за цел системска промена на средното стручно (формално и неформално образование) во Македонија.

Во рамките на студиската посета, претставници од 3 компании, Гранит АД, Скопје; Македонија турист, Скопје и ЈКП Дервен, Велес од здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, здружението  на угостителството и туризмот и здружението на комуналните дејности имаа можност, во рамките на посетата на здружението за градежништво во Цирих, да се запознаат со успешните практики на организираноста, работењето и активностите на здруженијата во Швајцарија, со посебен осврт на нивното учество и на активностите што ги преземаат во делот на образованието за подобрување на квалитетот на истото и испорака на соодветен кадар со потребните компетенции барани од бизнисот. На претставниците од здруженијата им беа презентирани активностите како компаниите придонесуваат за развојот на здружението, како здружението ги поддржува и им помага на компаниите, како здружението лобира во областите поврзани со образованието и сл.

Важен дел од активностите беше и посетата на Швајцарска федерација за образование на возрасните (SVEB), каде претставниците на здруженијата од Македонија се запознаа со начинот на реализација на практичната обука во стручното образование преку дискусија со учесник кој реализира практична обука во оваа институција, како и со активностите на здруженијата во неформалното образование и улогата на оваа организација во одржливоста на квалитетот во реализацијата на обуки за обучувачи за одредени квалификации, процесот на одобрувањето на програмите за обука и испитните програми за стекнување јавен документ со учеството во овие програми.

Пред тргнувањето на студиската посета како подготвителна активност, учесниците имаа можност да добијат сознанија за системот на стручно образование, преку презентацијата Мариане Милер (Marianne Müller), проектен менаџер за меѓународни односи и истражување од Швајцарска федерација за образование на возрасните – SVEB. 
Студиската посетата во Швајцарија, е продолжување на активностите на Комората, преку учење од добри практики,  за јакнење на капацитетите на здруженијата и групациите во рамките на Комората, за нивно вклучување во образовниот систем во насока на обезбедување квалитетно и функционално стручно образование во испораката на квалификуван и остручен кадар по мерка на бизнисот.  

 

м-р Наташа Јаневска
Проектен менаџер во Стручната служба на Комората