Стопанската комора на Северна Македонија на 25.08.2026 година организира еднодневна онлајн работилница со фокус на престанокот на работниот однос. Во рамки на работилницата ќе се разгледуваат законските основи за отказ, начинот на нивно правилно утврдување и документирање, како и задолжителните елементи што треба да ги содржи отказното решение за да биде јасно, конкретно и правно издржано.
Особено внимание ќе биде посветено на најчестите дилеми при составувањето и доставувањето на отказното решение, вклучително и недоволно образложени причини за отказ, погрешно утврдена фактичка состојба, пропуштени процесни чекори и недостатоци во пропратната документација. Ќе се анализира и кога е потребно претходно предупредување на работникот, дали и во кои случаи е неопходно водење дисциплинска постапка, како и какво влијание можат да имаат овие пропусти врз законитоста на отказот.
Посебен сегмент од работилницата ќе биде посветен на приговорот против отказното решение. Ќе се дискутира за роковите и начинот на поднесување на приговорот, обврските на работодавачот по неговото приемaње, последиците доколку работодавачот не одговори на приговорот, како и за правилното пресметување на роковите за понатамошна судска заштита. Преку практични примери ќе се разгледаат ситуации во кои формалните или суштинските недостатоци на отказното решение можат да доведат до судски спор или инспекциски надзор.
Во поширок контекст, ќе се направи и споредба со другите начини на престанок на работниот однос, вклучително спогодбениот престанок и отказот од страна на работникот, со цел јасно да се разграничат различните правни последици и обврски на страните.
ПРОГРАМА
I.НАЧИНИ НА ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ВАЖНОСТА НА ДОГОВОРОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ
·Престанување на важноста на договорот за вработување на определено работно време;
·Престанување на важноста на договорот за вработување поради смрт на работникот, односно работодавачот (физичко лице) и поради поведување постапка за престанок на работодавачот;
·РАСКИНУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ СО СПОГОДБА.
II.ОТКАЖУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ СО ОТКАЗ ОД СТРАНА НА РАБОТНИКОТ И РАБОТОДАВАЧОТ
·Дозволеност, причина и обврска за докажување на основ за отказ
·Форма, содржина и врачување на отказ, Основани и неосновани причини за отказ, Понуда на нов променет договор пред отказ.
·ЛИЧНИ ПРИЧИНИ
·Постапка пред и за време на откажување на договорот за вработување од лични причини на страна на работникот;
·Услови.
·ПРИЧИНИ НА ВИНА
·Откажување на договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски со и без отказен рок.
III.ПРЕСТАНОК НА РАБОТНИОТ ОДНОС
·Отстранување од работа од кај работодавачот до донесување на одлука за отказ на договорот за вработување;
·Парична казна;
·Форма и донесувач на одлуката за откажување на договорот за вработување, односно на одлуката за паричната казна.
·ОТКАЗНИ РОКОВИ
·Отказни рокови: минимални отказни рокови, течење на отказен рок, паричен надоместок наместо отказен рок.
·ПРИГОВОР ПРОТИВ ОДЛУКА ЗА ОТКАЖУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ СО И БЕЗ ОТКАЗЕН РОК
·Дали работодавачот има право да не одговори на приговорот? Како се смета рокот за тужба кога нема одговор на приговорот?
·ЗАСТАРЕНОСТ.
IV.ДИСЦИПЛИНСКА ПОСТАПКА
·Законска регулатива;
·Основи и услови за спроведување дисциплинска постапка – кршење на работен ред и дисциплина.
·ПОДГОТОВКА НА ИНТЕРЕН АКТ ЗА СПРОВЕДВАЊЕ НА ДИСЦИПЛИНСКА ПОСТАПКА
Предавач:
-Викторија Спасовска – Симоноска, адвокат, предавач на обуки, семинари и конференции со особен фокус на тематики од облигационото, деловното и трудовото право
Сите заинтересирани за учество на оваа онлајн работилница можат да се пријават најдоцна до 24.08.2026 година.