Актуелни теми на дневен ред на седницата на Управен одбор на Советот на странски инвеститори
➢ Актуелно (13.12.2023, во 09:52:00)
👁 Прочитано: 1883





 Актуелни теми на дневен ред на седницата на Управен одбор на Советот на странски инвеститори Кликни за повеќе

Управниот одбор на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Северна Македонија одржа редовна седница на којашто се дискутираше за  повеќе точки на дневниот ред поврзани со актуелни теми и економски состојби во земјата.

Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвеститори пред присутните членови на Управнио одбор ги сподели првичните резултати од најновата Aнкетата за странските директни инвестиции 2023 година - Business and Investment Indicator 2023 со посебен осврт на актуелните состојби, остварените резултати и очекувањата за идната година.

Анкетните резултати ќе бидат основа за предлагање мерки и препораки за подобрување на на климата за водење на бизнис и инвестирање во земјата и истите ќе бидат споделени и дискутирани на јавна презентација пред компаниите, медиумите и заинтересираните институции со цел запознавање на пошироката јавност. 

Истовремено, клучните поенти од анкетното истражување кои доминантно го отсликуваат мислењето на странските инвеститори во земјава ќе бидат дискутирани и на средбите со политичните партии пред престојните избори закажани за следната година.
Во понатамошниот дел од седницата, потпретседателот на Комората Зоран Јовановски ги запозна присутните дека во наредните пет години Стопанската комора на Северна Македонија ќе биде дел од програмата „Граѓаните против корупцијата“ предводена од Македонскиот центар за меѓународна соработка. Покрај Комората, партнери во програмата се Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), ИДСЦС, 360 Степени, Истражувачка репортерска лабораторија, Македонија (ИРЛ) и Балканска истражувачка репортерска мрежа, Македонија (БИРН).

Општа цел на програмата е да се зголеми вклученоста и соработката на граѓаните, граѓанското општество, медиумите и приватниот сектор во борбата против корупцијата, што ќе доведе до подобрување на реакцијата на државните институции и ефективност во справувањето со корупцијата во сите сектори на национално и локално ниво.

Според Јовановски, целокупниот програмски пристап се заснова на широка акција за подигнување  на свеста која ги обединува граѓанското општество, медиумите и приватниот сектор.

Како и досега, и во наредниот период, приоритет на новото раководство ќе биде Советот да земе активно учество во процесите за создавање подобро деловно опкружување и подобрување на условите за водење бизнис во земјата преку предлагање мерки и препораки за креирање на најдобри можни решенија кои ќе донесат одржлив и побрз економски развој, но и за поголема атрактивност на земјава за задржување на постојните и привлекување нови инвеститори.

Служба за информирање при Комората