Странските инвеститори очекуваат политичка стабилност и деловна предвидливост за инвестирање во земјава
➢ Актуелно (19.12.2023, во 15:47:00)
👁 Прочитано: 2436





Странските инвеститори очекуваат политичка стабилност и деловна предвидливост за инвестирање во земјаваКликни за повеќе

Советот на странски инвеститори во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија ги презентираше од анкетата за странските директни инвестиции во земјава „Бизнис и инвестициски индикатор 2023“ со посебен осврт на актуелните состојби, ограничувачките фактори, идните трендови и очекувањата на компаниите со странски капитал за идната година.

Резултатите од анкетното истражување пред новинарите, пред претставници на компаниите членки, странски амбасади и институции во земјава ги презентираа г-н Виктор Мизо, генерален директор на „Костал Македонија“ и претседател на Советот, г-н Никола Љушев, генерален директор на „Македонски Телеком“ и г-н Волфганг Мајер,  генерален директор на „ЕВН Македонија“  во својство на потпретседатели на Советот. 
Анкетата која е спроведена во периодот од 23 ноември до 12 декември годинава опфаќа странски компании членки на Советот со остварен годишен приход над 7,7 милијарди евра, годишни инвестиции од преку 400 милиони евра, со над 38 илјади вработени и учество од 78% во вкупниот извоз на земјава. 
Претежно тоа се компании од производствениот сектор (70%), услуги (20%) и трговија (10%) од САД, Канада, Германија, Валика Британија, Белгија, Грција, Словенија, Турција, Тајван итн.

Само 43% од испитаните странски инвеститори во земјава би донеле одлука во овој момент да инвестираат во земјава, а како најголем ризик за развојот на нивните инвестиции гледаат во недостигот на стручна работна сила, високата инфлација и   корупција, зголемени трошоци за енергенси, правната неизвесност, како и  непредвидливоста на економските политики на државата.

Резултатите од анкетата покажуваат релативно влошување на задоволството на компаниите од  инфраструктурата на локацијата на која работат. Така, 53% од испитаниците одговориле дека се делумно задоволни, а 10% дека се задоволни. Не се задоволни 37% од анкетираните. 
Во однос на оценката за задоволството од работењето на институциите задолжени за aftercare услуги 56% од испитаните компании одговориле дека квалитетот на услугите е намален или еднакво неповолен во споредба со изминатите години, со објаснување дека ниеден или многу малку предлози и препораки се прифатени од страна на релевантните институции.

Во однос на остварените резултати во тековната година, 45% од испитаниците забележале пад на обемот на планиранито производство како резулатат на намалените нарачки од странство, недостатокот на суровини и репроматеријали, како и  недостиг на работна сила. И покрај ваквиот пад на обемот на производство бројот на вработени кај анкетираните странски компании во 2023 година бележи раст за 9% или вкупно 38.000 вработени лица. 
На пазарот на трудот, компаниите најтешко доаѓаат до инженерски и технички кадар, а како причина  за недостатокот на работна сила се посочуваат: одливот на кадарот во странство, недоволното практично искуство и знаење и недоволниот интерес за работа во индустрискиот сектор.
На прашањето за финанската поддршка и државната помош која ја добиваат, вкупно 74% од анкетираните компании сметаат дека се потребни нови финансиски мерки за ублажување на последиците актуелната економска ситуација, пред се наменети за одржување на бројот на вработените, финансиска поддршка за зголемување на платите на вработените, како и за одржување на ликвидноста.

Во однос на прашањата на кое треба да се фокусира државата во следните 12 месеци, најголем дел од компаниите ги нотирале:
-    подобрувањето на инфраструктурата,
-      усогласување на правилата за оправдани инвестициски трошоци за државна помош и сметководствените правила според меѓународните стандарди,
-    хармонизција на увозните царински стапки со оние во ЕУ ,
-     намалување на оперативните трошоци во ТИРЗ,
-    подобрување на даночната регулатива,
-         олеснување на правилата и постапката за престој и работа на странски државјани.

Советот на странски инвеститори се заблагодарува за досегашната соработка со државните надлежни институции и за следниот период укажува на потребата од уште поефикасна институционална поддршка. 

Влатко Стојановски
Соработник во организационата единица за развој, иновации и знаења