Минатата недела Советот на странски инвеститори ги презентираше резултатите од спроведената анкета Бизнис и инвестициски индикатор 2023, во која учествуваа компании-претставници од сите индустрии, компании кои се присутни на глобалниот, регионалниот и домашниот пазар, и имаат големо влијание врз домашната економија.
Компаниите што учествуваа во анкетата на Советот на странски инвеститори имаат над 38.000 вработени. Овие компании оствариле приходи од работењето од над 7,7 милијарди евра и инвестирале над 400 милиони евра во 2022 година. Таа беше спроведена анонимно, и јавно презентирана во просториите на Стопанската Комора на Северна Македонија пред медиумите, компании – инвеститори, претставници на странски амбасади, други билатерални стопански комори како и меѓународни финансиски и невладини организации.
Во Анкетата беа вклучени и компании од ТИРЗ кои посочиле бројни недостатоци, како што се проблеми со инфраструктурата, непочитување на роковите поврзани со договорните обврски, превисоки оперативни трошоци во зоните, недоволно ниво на аftercare услуги, доцнење на постапки или одговори по барања, случаи на доцнење на исплата на државната помош, итн.
Следствено на овие недостатоци, дел од компаниите кои се лоцирани во зоните, се почесто избираат други институции и органи при проширување на своите капацитети и склучување на нови договори со државата.
Според анкетата 56% од компаниите сметаат дека нема напредок во Аftercare услугите или дека истите се полоши од нивото во минатата година. Компаниите, исто така дале и предлози за унапредување на овие услуги, како: почеста комуникација, поголема транспарентност, особено при донесување на одлуки кои се однесуваат на компаниите, професионален кадар со знаење за индустријата и адаптирање согласно пазарните потреби.
Советот на странски инвеститори ги цени напорите на одредени органи и државни институции за мерење на задоволствата од сопственото работење, но притоа упатува на резултатите од најновата годишна анкета Бизнис и инвестициски индикатор 2023, реализирана од страна на Советот на странски инвеститори, која покрај посочување на проблемите и ризиците, дава и корисни предлози за унапредување на целокупната бизнис клима во државата. Секое профилирање на селективни податоци, со одминат период и со тенденција одредени чинители да се изземат, а со тоа индиректно да се префрли одговорноста на други делува несериозно. Дополнително, тие не одат во насока на искрено и трајно подобрување на состојбата и зголемување на задоволството на инвеститорите, а со тоа и на нивните вработени.
Како дел од системот, секоја институција која раководи со државни средства треба да се однесува како одговорен чинител, кој континуирано ќе работи за унапредување на бизнис климата во државата, подобрување на условите на присутните компани и во привлекување на нови инвестиции.