Не е веќе меѓу нас џентлеменот Крис Сандерс
➢ Актуелно (25.03.2024, во 09:15:00)
👁 Прочитано: 950





Не е веќе меѓу нас џентлеменот Крис СандерсКликни за повеќе

Со еден збор, тоа навистина го опишува Крис. Човекот кој го сретнав во далечната 2013 во процесот на привлекување на КОСТАЛ во Македонија. Првата средба во Македонија ни беше пред струшкото село Мислешево на локацијата каде веќе беа исцртани контурите на ТИРЗ Струга. Иако планот беше да го чекам на аеродромот во Скопје за да ја започнеме турнејата низ државата барајќи соодветни браунфилд локации, мојот лет каснеше и беше пренасочен кон аеродромот во Тирана. Бев многу нервозен знаејќи дека првиот впечаток и импресија при вакви средба имаат огромна, па дури и пресудна улога, но Крис беше многу сталожен и со целосно разбирање за ситуацијата. При таа посета поминавме три дена барајќи локации низ Македонија, а потоа следеа многу средби во Германија, Англија, Ирска, и пак во Македонија. Систематски бевме анализирани и споредувани со многу други земји во регионот- според безброј параметри, и иако преговорите не беа секогаш лесни, уште од првиот личен контакт и подоцна истата вечер јадејќи локален специјалитет покрај Охридското езеро, имав чувство дека инвестицијата ќе биде “наша”. Тоа конечно и се случи на неколку дена пред католички Божик 2015 година кога добивме писмо со конфирмација дека Македонија и Охрид се избрани како нова инвестициска локација за КОСТАЛ.   

Големиот Крис веќе не чекори на овој свет. Мое најдлабоко сочувство кон неговото семејство и тимовите на КОСТАЛ во Македонија, Ирска, Велика Британија и Германија – локациите каде помина најмногу од своите 40 години работа за компанијата. Крис беше исклучителен човек, впечатлив и посебен лик каков што ретко можеш да сретнеш. Човек кај кој при првиот контакт може да се почувствува длабочината на неговата енергија, дух и интелект.
Беше вонсериски лидер со секоја своја мисла, движење, поглед. Кога започнав со работа во компанијата, откако веќе беа локално етаблирани, Крис ми беше шеф до пензионирањето пред година и половина. Но беше и многу повеќе од тоа. Тој ми беше ментор, а потоа и пријател но и другар, и горд сум што го наследив него и ја добив довербата да го пополнам неговото место на глобално ниво во компанијата. Од него научив многу, и не само во работни услови, туку животни искуства и погледи кон светот. Бизнис и државна стратегија, геополитика, религија, историја, политички случувања беа само дел од темите на кои често дебатиравме во детали. Крис немаше телевизор дома. Слушаше BBC World Service и имаше библиотека од илјадници книги. И често го истакнуваше Македонското знаме пред неговиот дом во Луденшајд.    

Крис твојот лик и компанијата која ти ја крена, ја надминаа поимливоста за раст и ќе останат да сведочат и да не потсетуваат дека само со искрена посветеност, работа и одговорност можеме да имаме иднина како луѓе и како нација. Ти благодариме јас и целиот тим од КОСТАЛ Македонија за тоа!

Почивај во мир голем човеку!

Служба за информирање при Комората