Солунското пристаниште е клучен партнер за македонските извозници- Стопанската комора на разговори со менаџментот на пристаништето во Солун
➢ Актуелно (14.06.2024, во 12:27:00)
👁 Прочитано: 490





Солунското пристаниште е клучен партнер за македонските извозници- Стопанската комора на разговори со менаџментот на пристаништето во СолунКликни за повеќе

На состанокот, на кој присуствуваа и претставници на македонски компании кои се најголеми корисници на пристаништето, заеднички беше констатирано дека владите на двете земји треба дополнително да инвестираат во инфраструктурното поврзување со Солунското пристаниште. Модернизацијата на железничкиот транспорт беше идентификувана како приоритет, а беше истакната важноста на железничкиот коридор 10 да се поврзе со Србија за непречен товарен транспорт, користејќи ги придобивките од договорот Отворен Балкан.

 

Во рамки на посетата на Грција, извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија и заменик претседател на Националниот совет за извоз, Антони Пешев, одржа состанок со менаџментот на Солунското пристаниште. На состанокот се дискутираше за погодностите од користењето на ова пристаниште од страна на македонските компании, перспективите за македонските извозници и важноста на добро инфраструктурно поврзување со Солун.

На состанокот присуствуваа и претставници од некои од најголемите македонски корисници на Солунското пристаниште. Тие истакнаа дека Солунското пристаниште има првостепено значење за македонските извозници, бидејќи е природен пат за пристигнување на стоката наменета за нашата земја, со пониски транспортни трошоци поради блискоста до Македонија во споредба со другите пристаништа во соседните земји.

Менаџментот на Солунското пристаниште посочи дека Северна Македонија е една од првите 10 земји кои го користат ова пристаниште за проток на стоки. На состанокот беше заеднички констатирано дека владите на двете земји треба дополнително да инвестираат во инфраструктурното поврзување со Солунското пристаниште. Модернизацијата на железничкиот транспорт беше идентификувана како приоритет, а беше истакната важноста на железничкиот коридор 10 да се поврзе со Србија за непречен товарен транспорт, користејќи ги придобивките од договорот Отворен Балкан.

Исто така, беа дискутирани модалитетите за унапредување на трговската размена и зголемување на придобивките за македонските компании преку формирање слободна економска зона за нашите оператори, воспоставување правна рамка за продолжување на трасата на грчките локомотиви на македонска територија, либерализација на железничкиот сообраќај и влез на приватни оператори. Овие приоритети имаат за цел да го олеснат трговскиот процес преку Солунското пристаниште, кое е од големо значење за македонските извозници.

Блискоста на Солунското пристаниште е од голема важност за македонското стопанство. Преку него се реализираат меѓународни зделки, особено за испорака и прием на стоки од и до подалечни светски дестинации. Најзастапени производи кои се пренесуваат преку Солунското пристаниште во последните пет години се: никелова руда, јаглен, пет кокс, фероникел, сирови суви маслинки, железни прачки, бетонски плочи, згура и други.

Солунското пристаниште, кое беше приватизирано во 2018 година, може да ја зголеми економската активност на земјите од југоисточна Европа по завршувањето на надградбата и изградбата на инфраструктурата инвестирајќи 180 милиони евра,  за да може второто контејнерско пристаниште во Грција наскоро да се натпреварува со конкурентните пристаништа со големина и капацитет. Со ваквите инвестиции, новите сопственици планираат солунското пристаниште да го позиционираат како регионален транспортен центар, со намера да се обезбеди пристап за најголемите светски и регионални превозници.

 

 

Служба за информирање при Комората