Стопанската комора на Македонија ја поддржува медијацијата, со главна цел популаризација на овој ефикасен начин на вонсудско решавање на споровите. Со популаризација на медијацијата ќе се намалат непотребно долгите и скапи судски постапки и ќе се зголеми ефективноста во надминување на конфликтите во ставовите на страните, преку наоѓање решенија прифатливи за двете страни и нивна идна соработка поради доверливоста на постапката.
Оттука, согласно потребите на компаниите од една страна како, и заради поголема афирмација на оваа ефикасна алатка, од друга страна, Стопанската комора на Македонија, како најголема и најбројна бизнис-асоцијација во Република Македонија, започна со креирање и нудење на нова услуга во своето портфолио на активности, односно воведе поддршка за вршење на Медијација како за членките, така и нечленките. Со цел најпрво да се информираат компаниите за законските измени на ЗПП кои се поврзани за медијацијата, за текот на постапката на медијацијата, како и за можностите за тоа кои спорови се медијабилни и да се поттикне користењето на доброволната медијација, Стопанската комора на Македонија започна со циклус на бесплатни семинари кои ги реализира со предавачи – лиценцирани медијатори, согласно последните промени на Законот за Медијација.
Така, првите семинари за промоција на медијацијата беа одржани на 1-ви и 2-ри јули во Штип, односно Кавадарци пред голем број на компании од тие региони. На семинарите беа потенцирани предностите на медијацијата, беше детално објаснета медијацијата во РМ согласно законските прописи, акцент беше ставен на тоа кои се медијабилни/немедијабилни предмети, како и се даде осврт и на медијацијата во работните спорови, и заштитата на потрошувачите во постапката за медијација. Од активната дискусија која се разви на семинарите произлегуваат и одредени дилеми кои се јавуваат при практична примена на медијацијата и потребата од усогласување на повеќе закони со Законот за медијација. Стопанската комора на Македонија од сите забелешки дадени од учесниците ќе подготви информација до носителите на законските решенија со цел отстранувања на пречките или разјаснување на процесите а се со цел целосна поддршка и поголема апликативност на медијацијата.
Како информација наведуваме дека со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за парнична постапка („Службен весник на РМ“, бр.124./15) со член 47 од Законот, извршена е измена на член 461 од пречистениот текст на ЗПП според кој: „ Во стопанските спорови за парично побарување чија што вредност не надминува 1.000.000 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесување на тужбата, да се обидат спорот да го решат по пат на медијација. При поднесување на тужбата тужителот е должен да приложи доказ издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал. Тужбата кон која не е приложен доказот од ставот (2) на овој член судот ќе ја отфрли”. Оваа одредба од ЗПП е влезена во сила од 1-ви февруари 2016 година.
Според новиот Закон за медијација и неговите измени и дополнувања („Службен весник на Република Македонија“ бр. 188/13, 148/15, и 55/16), постапките за медијација може да ги спроведува единствено медијатор на кого му е издадена лиценца за вршење на медијаторски работи согласно член 46 од Законот за медијација, од страна на Министерството за правда на Република Македонија – Одбор за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата. Медијаторот врши работи согласно ЗПП и погоре потенцираната законска одредба, како и спроведување на постапки за решавање на сите видови медијабилни спорови за кои спротивставените страни ќе изјават волја доброволно, спорот да го решат по пат на медијација.
Следната недела Комoрата продолжува со семинари за медијација кои ќе се одржат на 8-ми јули во Кичево и 9-ти јули 2016 година во Охрид.
За сите информации во врска со Медијацијата можете да се јавите во Комората на тел. 023244031.
д-р Јелисавета Георгиева