ПРЕКУ ЗАКОНСКА ПОДДРШКА КАЈ СТОПАНСКИТЕ СПОРОВИ ДО ИСКОРИСТУВАЊЕ НА БЕНЕФИТИТЕ ОД МЕДИЈАЦИЈАТА
➢ Актуелно (27.09.2019)
👁 Прочитано: 13637





ПРЕКУ ЗАКОНСКА ПОДДРШКА КАЈ СТОПАНСКИТЕ СПОРОВИ  ДО ИСКОРИСТУВАЊЕ НА БЕНЕФИТИТЕ ОД МЕДИЈАЦИЈАТАКликни за повеќе

Согласно Законот за медијација („Службен весник на Република Мaкедонија“, бр. 188/13, 148/15, 192/15 и 55/16), медијацијата се применува особено во имотно-правни, семејни, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови, спорови од областа на образованието, заштитата на животната средина, спорови во врска со дискриминацијата, како во други спорни односи каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување. Одредбите од Законот за медијација се применуваат и во кривични спорови, доколку со посебен закон не е исклучена нејзината примена.

Страните може во меѓусебниот облигационен договор да внесат одредби со кои се обврзуваат во случај на спор, да се обидат спорниот однос да го решат по пат на непосредно преговарање или медијација пред започнувањето на судската или друга постапка за правна заштита.

„Медијација", согласно Законот за медијација е секое посредување, без оглед на неговиот назив, при решавање на спорниот однос во постапка на медијација во коешто на страните во спорниот однос им се овозможува истиот да го решат по пат на преговарање, на мирен начин со помош на еден или повеќе лиценцирани медијатори, со цел да се постигне заедничко прифатливо решение изразено во форма на писмена спогодба.

Потребно е да се истакне што е она што најмногу го прави привлечно користењето на медијацијата при решавање на споровите, посебно при решавање на стопанските спорови. При користењето на медијацијата како атрактивна алатка за решавање на споровите, можеби најнапртед треба да се подвлече дека главна улога имаат начелата и стандардите на медијацијата која ја издвојуваат како привлечна пред останатите методи на алтернативно решавање на споровите, или пред судовите. Начелата на медијација дадени во прилог, можат да се потенцираат и како предности на медијацијата пред другите постапки кои се нудат на располагање на страните во постапката. Тоа се:

- Доброволност - Постапката на медијација се спроведува врз основа на стриктна писмена согласност на страните, освен во спорните односи каде што со посебен закон започнувањето на постапка на медијација е предвидена како услов за водење на судска или друга постапка.

- Рамноправност - Страните се рамноправни во постапката за медијација. Медијаторот е должен, уважувајќи ги сите околности на спорниот однос, на страните да им обезбеди рамноправна положба.

- Неутралност - Во постапката за медијација медијаторот постапува неутрално и непристрасно во однос на страните или на спорниот однос.

- Доверливост - Сите информации што произлегуваат или се поврзани со постапката на медијација ќе останат доверливи, освен ако страните писмено поинаку не се договориле. Предлозите изнесени во текот на медијацијата, дадени исклучиво во правец на постигнување на спогодбата, не можат да се користат во судска, арбитражна или друга постапка, ниту да се соопштат на друг начин.

- Исклучување на јавноста во медијацијата - Во постапката за медијација јавноста е исклучена.

- Еднаквост на страните - Страните имаат еднакви можности за учество во постапката за медијација, за што ќе бидат информирани на јасен и разбирлив начин од страна на медијаторот.

- Достапност на информации за медијацијата во други постапки - нема достапност на информации од постапка за медијација, освен ако тоа е предвидено со посебен закон.

- Ефикасност - Постапката на медијацијата е економична, ефикасна и брза постапка до која страните имаат лесен и еднаков пристап.

- Правичност - Во постапката на медијација се гарантира правично постапување. Страните треба да бидат поттикнувани од страна на медијаторот целосно да соработуваат во постапката и да обезбедуваат информации за правично решавање на спорниот однос.

Сублимирајќи ги предностите преку примена на начелата на медијацијата, од особена важност кај стопанските спорови е тоа што самата постапка е доверлива, јавноста во постапката е исклучена, постои рамноправност, еднаквост и правичност за страните во постапката и самата постапка е брза, економична и поефтина од останатите постапки.

Инаку, за потсетување на македонските компании со законските измени е дека со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за парнична постапка („Службен весник на РМ“, бр.124./15) со член 47 од Законот, извршена е измена на член 461 од пречистениот текст на ЗПП според кој: „ Во стопанските спорови за парично побарување чијашто вредност не надминува 1.000.000 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесување на тужбата, да се обидат спорот да го решат по пат на медијација. При поднесување на тужбата тужителот е должен да приложи доказ издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал. Тужбата кон која не е приложен доказот од ставот (2) на овој член судот ќе ја отфрли“. Оваа одредба од ЗПП е влезена во сила од февруари 2016 година.

Според Законот за медијација и неговите измени и дополнувања („Службен весник на Република Македонија“, бр. 188/13, 148/15, и 55/16), постапките за медијација може да ги спроведува единствено медијатор на кого му е издадена лиценца за вршење на медијаторски работи согласно член 46 од Законот за медијација, од страна на Министерството за правда на Република Северна Македонија - Одбор за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата. Медијаторот врши работи согласно ЗПП и погоре потенцираната законска одредба, како и спроведување постапки за решавање на сите видови медијабилни спорови за кои спротивставените страни ќе изјават волја доброволно, спорот да го решат по пат на медијација.

Листата на лиценцирани медијатори се наоѓа на веб-страната на Министерството за правда на Република Северна Македонија, на веб-страната на Комората на медијатори на Македонија и на веб-страната на Стопанската комора на Македонија.

Во насловот на овој текст подвлеков дека преку законска поддршка кај стопанските спорови може да се дојде до искористување на бенефитите од медијацијата. Токму и воведувањето во членот 461 од ЗПП каде е инкорпориран задолжителниот обид за медијација, е еден вид законска поддрша за искористување на бенефитите од медијацијата. Од досегашната пракса и примена на овој член од ЗПП пеку упатување на медијација кај стопанските спорови за парично побарување до 1.000.000 денари, исуствата покажуваат дека сите стопански субјекти кои се јавиле на медијација, после согледување на бенефитите во своите идни договори со партнерите ја ставаат медијацијата како алтернативен начин за решавање на нивните идни спорови. Носејќи ја оваа одредба од ЗПП законодавецот сакал да поддржи решевање на спорови со медијација а сегашните бројки на користење на медијацијата според податоците од лиценцираите медијатори ја потврдуваат и таа поддршка. Задолжителниот обид претставува само една алатка плус во менување на свеста и поттикнување на компаниите од една страна да ги користат поволностите кои постојат, а од друга страна да се помогне на судовите преку нивно растеретување со стопанските спорови кои навистна можат на брз и ефикасен начин да се решат по пат на медијација.

За сите спорови кои произлегуваат од трговски односи (спорови од промет на стоки и услуги, од платен промет, од областа на осигурувањето, спорови од градежништвото, од банкарство, спорови за заштита на интелектуалната сопственост и сл.) од клучно и пресудно значење е брзината за решавање на спорот, затоа што од значење за работата им е дали има тековна циркулација на парични средства или ќе настапи блокирање на средствата.Затоа, причина поради која се’ повеќе трговски субјекти се определуваат своите спорови да ги решаваат по пат на медијација е брзината на решавање на споровите и фокусирање на интересот во постапката за медијација. При тоа, важно е да се потенцира дека овие субјекти за кратко време, без нарушување на меѓусебните односи, би постигнале спогодба со која се ослободуваат блокираните средства, важно за нивниот бизнис. Покрај брзината во решавање на споровите преку интересот, дополнителна предност кај стопанските спорови е и начелото на доверливост при посредувањето и исклучување на јавноста. Ова начело е причина да се јават значаен број на фирми на повикот за медијација со цел зачувување на позитивниот рејтинг на пазарот.

Важечките прописи во нашата држава даваат основ за развој на стопанската медијација. Уште со носењето на Законот за медијација од 2006 година се препознава важноста на примената на медијацијата во различни спорни односи, а посебно во трговските. Значењето на медијацијата како вонсудско решавање на стопанските спорови го потврдуваат и бројните меѓународни документи кои се усвоени од ЕУ и Советот на Европа.

Накратко, согласно постојниот Закон за медијација, ќе наведам каде се применува медијацијата и кои се нејзините особености од почетокот до крајот на самата постапка, а согласно законските прописи во врска медијацијата во Република Северна Македонија.

Со цел да се запознаат фирмите од самата постапка на медијација, ќе потенцирам дека согласно Законот за медијација, медијацијата започнува на денот кога страните во спорот во писмена форма се согласиле дека ќе учествуваат во медијација или со потпишување на изјава за согласност дека ќе учествуваат во медијација дадена на записник пред суд. Страната којашто смета дека постои спорен однос упатува писмена покана преку медијатор до другата страна или до повеќе страни, доколку во спорот се вклучени повеќе страни. Во рок од седум дена по добивањето на поканата за медијација поканетата страна треба да се јави на средба со медијаторот или на заедничка средба со медијаторот и страната која ја упатила поканата за медијација. Доколку на средбата една од страните не е согласна спорот да се решава во постапка на медијација, истото писмено го потврдува. Ако страната која поканила друга страна на медијација не добие одговор за прифаќањето на поканата за медијација најдоцна во рок од 15 дена од денот на испраќањето на поканата или во друг пократок рок кој е утврден со поканата , се смета дека предлогот за поведување на постапка на медијација не е прифатен. Кога со посебен закон е предвидено започнување на постапка на медијација како услов за водење на судска или друга постапка, односно ако страните при склучување на деловниот договор се обврзале спорот да се обидат да го решат со медијација пред започнување на судска или друга постапка, постапката за медијација започнува со поднесување на покана за медијација.

Важно за учесниците во постапката за медијацијата е дека сo почеток на медијација, започнува застој на рокот за застареност на побарувањето кое е предмет на спорниот однос и трае до завршувањето на постапката за медијација, која не може да трае подолго од 60 дена од денот на започнувањето на медијацијата. Кога постапката на медијација ќе заврши без постигната спогодба, рокот за застареноста на побарувањето ќе продолжи да тече од моментот на завршувањето на постапката за медијација во која не била постигната спогодбата. Страните кои започнале постапка за медијација немаат право истовремено, односно додека трае постапката на медијација, да започнат судска, арбитражна или друга постапка за спорниот однос кој е предмет на медијацијата, освен ако се работи за времени мерки или мерки за обезбедување.

Страните имаат можност спогодбено да определуваат дали постапката за медијација ќе ја спроведува еден или повеќе медијатори и спогодбено ги избираат лицата кои ќе бидат медијатори од Именикот на медијатори. Ако страните не можат да се спогодат за бројот или за лицата кои ќе бидат определени за медијатори, можат да побараат Комората на медијатори да препорача или да го определи бројот на медијатори или да определи медијатор за дадениот спорен однос.

Постапката на медијација завршува во неколку случаи, односно со склучување на писмена спогодбата за решавање на спорниот однос меѓу страните, на денот на склучувањето на спогодбата, со писмена изјава на медијаторот, по извршени консултации со страните дека натамошното водење на постапката на медијација не е целисходно (оправдано) на денот на поднесувањето на писмената изјава, со писмена изјава од страните до медијаторот дека постапката на медијација е завршена на денот на поднесувањето на изјавата, со писмена изјава на која било од страните ва постапката до другите страни и медијаторот дека постапката за медијација е завршена на денот на поднесувањето на изјавата, со смрт на една од страните на спорниот однос и со престанување на својство на медијаторот кој ја водел постапката. Постапката на медијација завршува во рок до 60 дена од денот на давањето на изјавата за започнувањето на постапката, без оглед на нејзиниот исход. Со ова се истакнува брзината во решавањето на одреден спор. Доколку страните во постапката сакаат спорот да го решат по мирен пат, можат тоа да го сторат веднаш, без да ги чекаат тие 60 дена кои се дадени на располагање за медијацијата.

Доколку медијацијата има позитивен исход, односно доколку страните постигнат согласност за решавање на спорот доаѓа до подготовка на спогодба. Спогодбата постигната во постапката на медијација во писмена форма ја изготвуваат страните во постапката или по нивно барање ја изготвува медијаторот, a ја потпишуваат страните во рок од три работни дена од денот на постигнувањето на спогодбата. Содржината на спогодбата ја одредуваат страните. Спогодбата потпишана пред поведувањето на судската постапка, медијаторот ја заверува со свој потпис и ја пријавува во Министерството за правда, заради упис во Регистарот за евиденција на постапките за медијација. Ако страните не постигнат спогодба заради несогласување за правните прашања, можат да постигнат писмена согласност за фактичките прашања.

Кога постапката на медијација се одвивала пред започнување на судската
постапка, а страните сакаат на спогодбата да и ` дадат сила на извршна исправа, содржината на спогодбата во пишана форма, потпишана од страните ја солемнизира нотар согласно со закон. Ако постапката на медијација се води по упатување на судот, медијаторот е должен во рок од три работни дена по завршувањето на постапката на медијација да го извести судот за начинот на завршување на постапката. Во рок од три работни дена по потпишувањето на спогодбата постигната како резултат на упатување на медијација при прекин на судска постапка, медијаторот е должен да ја достави спогодбата во суд и истата претставува основ за судско порамнување.

Важно е да се напомене дека во постапката за медијација секоја страна ги намирува своите трошоци од постапката, а заедничките трошоци ги намируваат на еднакви делови, освен ако страните поинаку не се договорат. Заедничките трошоци ја сочинуваат наградата на медијаторот и трошоците на медијаторот во врска со постапката на медијација. Висината на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот се определуваат со Тарифник кој го донесува министерот за правда по претходно прибавено мислење од Комората на медијатори. Постапката на медијација може да биде и бесплатна за страните во случај кога страните и медијаторот ќе се договорат за тоа или кога тоа е уредено со закон. Во секој случај споредбено со сите останати постапки, може да се извлече дека медијацијата е најекономична и најбрза постапка.

Со цел да се даде афирмација на алтернативните начини на решавање на споровите и заживување на оваа ефикасна алатка, Владата на Република Македонија во насока на поддршка на медијацијата, донесува програма за развој на медијацијата, во која се определуваат мерки и средства со кои се обезбедува поддршка на медијацијата. Програмата се донесува за период од најмалку четири години. Посебни програми за поддршка на медијацијата донесуваат Судскиот совет на Република Македонија и Врховниот суд на Република Македонија. Заради развој на медијацијата во Република Македонија државата врши субвенционирање на дел од трошоците на медијацијата.

Медијаторот кој има лиценца за вршење на медијаторски работи согласно Законот за медијација се запишува во Именикот на медијатори кој го води Комората.

Министерството за правда, судовите во Република Македонија и Комората го објавуваат Именикот на медијатори на нивните интернет-страници. Судовите го објавуваат Именикот на медијатори и на огласните табли на судовите.

Стопанската комора на Македонија во изминатиот период беше активно вклучена во промоција и афирмација на медијацијата како ефикасен начин на алтернативно решавање на споровите. Подолу ќе наведам што е она што е до сега направено од Стопанската комора на Македонија и што е она што е зацртано во програмските активности на Стопанската комора на Македонија на ова поле за поддршка на медијацијата во следниот период.

Тргнувајќи од фактот дека скоро секаде во коморите една од главните цели и активности е и поддршка на алтернативните начини на ефикасно решавање на споровите, како медијацијата, Стопанската комора на Македонија даде целосна поддршка на тој процес. Практично, поддршката се гледа преку активностите кои ги презема Стопанската комора на Македонија за промоција на медијацијата, како и преку формирањето на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата како форма на организирање и работење во рамките на Комората. Асоцијацијата за поддршка на медијацијата (АПМ) се формираше на 15.7.2016 година , со основна цел да обезбеди поголема промоција на медијацијата. Во неа, освен лиценцирани медијатори согласно Законот за медијација, доброволно учествуваат и членуваат и експерти од областа на медијацијата, компании, институции и други лица кои сакаат да дадат поддршка за популаризација на медијацијата. Активностите на АПМ се насочени кон користење на медијацијата со цел растоварување на судските постапки и изнаоѓање прифатливи решенија за компаниите и продолжување на нивната идна деловна соработка. Оттука, согласно потребите на компаниите од една, како и заради поголема афирмација на оваа ефикасна алатка од друга страна, Стопанската комора на Македонија, како најголема и најбројна бизнис-асоцијација во Република Македонија, прва во Република Македонија започна со креирање и нудење на нова услуга во своето портфолио на активности, односно воведе поддршка за вршење на медијацијата како за членките, така и нечленките. За таа намена Комората отвори и канцеларија за вршење на дополнителните услуги.

Стопанската комора на Македонија преку своите капацитети, логистика, искуство, знаење и професионализам во работењето, ја формираше оваа Асоцијација првенствено заради потребите на компаниите за користење на оваа ефикасна алатка - медијација. Надградбата на локалните знаења АПМ со своите активности ја остварува и преку поврзување и соработка со слични асоцијации од земјата и од странство со цел размена на искуства и давање поголема поддршка на медијацијата. Ова се реализира преку организирање заеднички активности, презентации, промоции и слично. Една од задачите на оваа Асоцијација е и да работи на усогласување на интересите во рамките на дејноста, да дава мислења и работи на усогласување на интересите во рамките на дејноста, да дава мислења и предлози по прашања од заеднички интерес на членовите на Асоцијацијата и да покренува иницијативи за донесување закони и за изменување и дополнување на истите. Асоцијацијата за поддршка на медијацијата континуирано своите активности ги остварува преку соработката со Комората на медијатори на РМ, Министерството за правда на РСМ, како и со сите заинтересирани институции од РСМ за поддршка на медијацијата.

Оттука, во насока на поголема и организирана поддршка на медијацијата, од јули 2016 година до денес, Стопанската комора на Македонија активно започна да одржува циклус на бесплатни семинари за медијација како ефикасен начин на решавање на спорови, со цел популаризација на овој ефикасен начин на вонсудско решавање на спорови. Со тоа се зголемува ефективноста во надминување на конфликтите во ставовите на страните, преку наоѓање решенија прифатливи за двете страни и нивна идна соработка поради доверливоста на постапката, што не е случај во најголем дел од споровите кога се води јавна судска постапка.

Од почетокот на организирање на бесплатните семинари на тема: „МЕДИЈАЦИЈАТА КАКО ЕФИКАСЕН НАЧИН НА РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИТЕ“, само во 2016 година се одржаа 18 бесплатни семинари во Штип, Кавадарци, Кичево, Охрид, Прилеп, Битола, Скопје (одржани 4 семинари), Велес, Куманово, Тетово, Струмица и Виница, каде присуствуваа повеќе од 700 учесници - претставници од приватниот и јавниот сектор.

Стопанската комора на Македонија посебно сака на сите семинари да опфати што поголем број компании со цел истите најпрво да се запознаат со законските прописи и измени за користење на медијацијата, во делот на задолжителниот обид на медијација, но секако сака преку семинарите да ја промовира и доброволната медијација, односно користењето на медијацијата во договорите на фирмите со своите партнери како алатка за можност на решавање на некој иден спор доколку настане во нивното работење.

Исто така, во април 2017 година, Стопанската комора на Македонија во заедничко партнерство и со поддршка на ДИХК – ЦЕФТА (Асоцијација на трговско-индустриските комори на Германија и ЦЕФТА-коморите) организираше прва од таков вид Регионална конференција на тема: „Медијацијата како ефикасен начин на алтернативно решавање на стопанските спорови“. Целта на Регионалната конференција беше подигнување на јавната свест за мирното решавање на споровите со помош на алтернативни начини на решавање на споровите како што е медијацијата и тоа со посебен осврт на стопанските спорови, тргнувајќи од фактот што организатор на оваа конференција беше Стопанската комора на Македонија, а таа по вокација е заштитник на бизнис заедницата и стопанството. Иницијативата за одржување на Конференцијата произлезе и од програмските насоки на Централно-европскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА), што преку своите активности насочени кон остварувањето на основната цел - либерализација на трговијата со стоки и создавање единствена зона за економска соработка, фокусирана е и на процесот на промоција и афирмација на мирното решавање на споровите пред компаниите од земјите кои се потписнички на Договорот. Стопанската комора на Македонија и во иднина ќе продолжи да биде промотор на медијацијата, партнер на Комората на медијатори, Министерството за правда и другите надлежни органи и институции со цел афирмирање на предностите на овој ефикасен начин на решавање на споровите. На Конференцијата беа презентирани актуелните случувања од областа на медијацијата, односно како функционира истата во земјата, регионот и во други европски земји низ примери од пракса.

Стопанската комора на Македонија во насока на поддршка на медијацијата преку формираната АПМ, организира и прес-конференции за промоција на медијацијата, издава промотивни материјали и активно учествува на настани, советувања, семинари и други форми на поддршка на оваа алатка.

Инаку, во нашата држава медијацијата е институционализирана преку Законот за медијација во 2006 година. Одредбите на Законот ги следат искуствата на земјите-членки на ЕУ за спроведување на постапката за медијација. Важно е да се истакне улогата на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), членка на Групата на Светската банка, како силен промотор и финансиски поддржувач на проектот за медијација. До денес Законот за медијација има неколку измени, а последните се од март 2016 година.

За информирање за јавноста е дека во моментов, во собраниска процедура е носење на нов Закон за медијација кој има за цел инкорпорирање на ЕУ-легислативата и препораките за медијацијата кај нас. Законот со европско знаменце има за цел унапредување на работата на медијаторите и поголема афирмација на медијацијата.

Од сето кажано, слободно можеме да констатираме дека капацитетите на медијацијата кај нас, во стопанскиот сектор, не се доволно искористени, па затоа потребни се чекори и активности за нејзина промоција на неколку фронта што е зацртано во агендата на Стопанската комора на Македонија за следниот период. Некои од идните активности се:

1) продолжување со информирање и подигнување на свеста на фирмите за предностите и можностите на медијацијата и другите алтернативни методи на решавање на споровите;

2) подигнување на капацитетите на различните стопански субјекти за нудење на услугите на медијацијата;

3) развој на системот за нудење на услуги на медијацијата и другите алтернативни методи и поддршка за имплементација и следење на овие проекти;

4) препорачување на компаниите за внесување клаузула за медијација во договорите за соработка со нивните партнери;

5) повисоки облици на воспоставување соработка со стопанските комори и професионални здруженија во поединечни гранки и области на стопанството заради креирање на пилот-проекти за решавање на одредени видиви спорови по пат на медијација;

6) истакнување на листи на медијатори при стопанските комори и другите професионални здруженија со цел нивна поголема видливост и соработка;

7) предлог за формирање служба за медијација во поголемите стопански субјекти кои превентивно со лиценцираните медијатори би ги решавале интерните спорови помеѓу вработените;

8) предлози за спроведување пилот-проекти во судовите за препорака за медијација во одредени области и одреден временски период (на пример, сите спорови од областа на градежништвото да се упатат на задолжителна медијација во текот на еден месец, а услугите за медијацијата да бидат бесплатни), со цел да се види бенефитот од медијацијата и во понатамошниот период самите фирми од оваа област во своите договори да го ставаат овој метод на решавање на идните спорови;

9) континуирана организација на промотивни активности и семинари за стопанските субјекти на кои ќе се потенцираат погодностите и предностите од примената на медијацијата во стопанството;

10) подигнување на капацитетите на корпоративните правници и адвокатите за застапување на своите клиенти во постапки за медијација и сл.

Вакви или слични мерки би довеле од една страна до зголемување на довербата на корисниците за поголемо користење на алтернативните методи за решавање на нивните спорови, а од друга страна до зголемување на ефикасноста на стопанските судови, а со тоа и до унапредување на деловните односи и создавање мотивирачко окружување за развој на стопанските активности.

д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска
потпретседател на Коморатa и советник на претседателот за економски развој и инфраструктура