Идејата за денешниот текст произлезе од посетата на две стручни училишта – „Браќа Миладиновци“ и „Коцо Рацин“, двете лоцирани во Скопје. Во првото училиште се едуцираат кадри за квалификации од секторот земјоделство, ветеринарство и рибарство, а во второто училиште се едуцираат за квалификации од секторот текстил, кожа и други производи. И двете училишта имаат услови за практична настава и обука на учениците.
Во училиштето „Браќа Миладиновци“ постои мала зоолошка градина во која учениците кои изучуваат за квалификацијата ветеринарен техничар ја реализираат практичната обука. За да опстои зоолошката градина, покрај грижата за животните, потребно е обезбедување храна. За таа цел, училиштето има обезбедено земјиште под концесија и одгледува јачмен и пченица, а учениците кои стекнуваат квалификација техничар за фармерско производство и техничар за агроменаџмент ја реализираат практичната обука. Техничарот за хортикултура својата практична обука ја реализира во стаклената градина во училиштето кое произведува најразлични видови цвеќиња.
Иста е состојбата и со училиштето „Коцо Рацин”, на чија врата стои мотото ,,Денешните ученици ги подготвуваме за утрешна работа”. Располага со современи машини за шиење и салон за кроење за да можат учениците од текстилниот сектор практично да ги применат теоретските знаења и да ги оживеат своите креации.
И кога се размислува подлабоко, учениците од двете училишта имаат простор и услови каде да ги стекнат практичните вештини и да го применат теоретското знаење, но сепак не може да се каже дека процесот на оспособување на ученикот е завршен до крај.
Како учениците ќе ги стекнат останатите вештини?
Ако сакаме да имаме вешти и стручни ученици како потенцијален кадар за фирмите, повеќе од неопходно е реализирање практична обука и во компаниите.
Денес, според податоците, не само кај нас, туку и во земјите-членки на ЕУ, компаниите за 50% од сите работни места бараат квалификуван кадар со средно ниво на квалификации. Тоа може да се обезбеди само преку квалитетна практична обука во компаниите . Учениците во компаниите, покрај практичните вештини, стекнуваат и трансверзални вештини кои се многу важни за работните процеси и на кои посочуваат и работодавачите. Низ практична обука во компанија тие стекнуваат вештини, како: одговорност, посветеност, точност, критичност, почитување на работното време, тимска работа, комуникација со претпоставени, примена на мерките за безбедност и заштита при работењето и комуникација со клиенти. Кога се мисли за комуникација со клиенти честопати квалитетот на една компанија зависи од повратните информации на клиентите, а не само од инспекцискиот надзор и контролата на испораката.
Минувајќи го своето време во компанијата, учениците се запознаваат со работните процеси, но и со карактеристиките и барањата на професијата која ја избрале. Оттука, приближувањето на учениците и работодавците на работното место создава динамични партнерства каде учениците се обликуваат според потребите на компаниите.
Но колку е развиена свеста за улогата на практичната обука во компанија покажуваат податоците од Центарот за стручно образование и обука. Според податоците, во четиригодишното техничко стручно образование, во процесот на реализацијата на практичната обука се вклучени 887 компании во кои практична обука реализираат 8.876 ученици од вкупно 37.140 запишани ученици. Останатите 28.264 ученици, практичната обука ја реализираат во училиштето, без можност да одат кај работодавач .
Во тригодишното стручно образование за занимања , во процесот на реализацијата на практичната обука, вклучени се 453 компании во кои практична обука реализираат 1.856 ученици од вкупно 2.815 запишани ученици, додека останатите ја реализираат во училиштето , иако истата им помага да научат како работите што ги учат во училиште се поврзани со реалниот свет .
Податоците не ни ја даваат убавата слика за која мечтаеме. Повеќе од очигледно е дека, ако бизнис заедницата сака стручен и квалификуван кадар, мора да ги отвори вратите на своите компании и да овозможи учениците квалитетно да ја реализираат практичната обука.