Во рамки на делокругот на активностите за афирмирање и развој на медијацијата, Асоцијацијата за поддршка на медијацијата (АПМ) при Стопанската комора на Северна Македонија одржа on-line работна средба со цел разгледување на текст на Предлог – законот за медијација подготвен од работна група и давање коментари по текстот за прашања кои се од заеднички интерес на членовите.
Асоцијацијата ја поздрави заложбата за натамошно унапредување и развој на медијацијата како алтернативен начин на решавање на споровите и за усогласување на домашното законодавство со европската легислатива од оваа област. Меѓутоа, членовите оценија дека подготовката и носењето на комплетно нов закон за медијација би било целисходно само доколку има одредени пречки во тековното работење на медијаторите или пак во спроведувањето на постапката за медијација кои би требало да се отстранат, па во таа насока, истакнаа дека важечкиот Закон за медијација е добар и горенаведените заложби може да се остварат со евентуални измени и дополнувања на овој закон особено во делот за полагање на испитот за медијатори, како и во делот на потребата од евиденцијата на постапките на медијација и нивно запишување во е-регистарот при Министерството за правда посебно заради следственост на постапките при подготовка на аналитика за напредокот на процесот на медијација во нашата земја во однос со другите постапки. Оттука, АПМ е на мислење дека во моментот со одредени измени на постоечкиот Закон за медијација ќе се постигне целта наместо со донесување на комплетно ново законско решение особено во услови кога можностите за извршување на редовните активности се ограничени поради пандемијата на Ковид-19.
Асоцијацијата, согласно доставените коментари и предлози на членовите, подготви Мислење по Предлог – законот за медијација кое го достави до Министерството за правда на РСМ и Кабинетот на претседателот на Владата на РС Македонија, заземајќи став, уште еднаш да се преиспита потребата од донесување комплетно нов закон од оваа област, а во случај на продолжување на процесот, да се вклучат сите засегнати страни и да се обезбеди транспарентна дискусија со цел донесување на закон по европски терк за што достави и конкретни предлози. Во духот на досегашната одлична соработка со надлежните државни институции, Асоцијацијата се надева дека доставените предлози и мислења ќе бидат земени во предвид од страна на институциите.
Асоцијацијата за поддршка на медијацијата (АПМ) како посебна стручна форма на организирање и работење при Стопанската комора на Северна Македонија делува во насока на афирмирање и развој на медијацијата и од формирањето во 2016 година досега има организирано над 40 бесплатни семинари за промоција на медијацијата со учество од над 900 претставници на компаниите и други заинтересирани учесници.