КАКО ДО ПОГОЛЕМА ПРИМЕНА НА МЕДИЈАЦИЈАТА ОД СТРАНА НА БИЗНИС – ЗАЕДНИЦАТА?
➢ Актуелно (01.12.2021, во 18:12:21)
👁 Прочитано: 2947




- Одржана фокус група со преставници на бизнис секторот за предностите и недостатоците во поглед на употребата на медијацијата
КАКО ДО ПОГОЛЕМА ПРИМЕНА НА МЕДИЈАЦИЈАТА ОД СТРАНА НА БИЗНИС – ЗАЕДНИЦАТА?Кликни за повеќе

д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија и претседател на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата и Нена Николовска, експерт во Комората земаа учество во фокус група организирана од Институтот за европска политика (ЕПИ) која имаше за цел согледување на мислењата и препораките на претставниците на бизнис заедницата за предностите и недостатоците на медијацијата и како истата да се подобри за да биде поатрактивна алатка во решавањето на споровите на компаниите.
д-р Георгиева-Јовевска информираше дека Асоцијацијата за поддршка на медијацијата (АПМ) активно делува за афирмирање и развој на медијацијата во нашата држава, при што од формирањето во 2016 година досега има организирано над 40 бесплатни семинари за медијација со учество од над 1.000 претставници на компаниите и други заинтересирани учесници. Активностите на АПМ имаат за цел информирање и подигнување на свеста на компаниите за предностите на медијацијата како алтернативен метод за решавање на споровите, развој на системот за нудење на услуги на медијацијата, подигнување на капацитетите на корпоративните правници и адвокатите за застапување на своите клиенти во постапки за медијација и други.
 Дискутирајќи за досегашните искуства, истакна дека концептот на задолжителна медијација придонесе за зголемување на бројот на постапки за медијација во практиката, меѓутоа од аспект на исходот на постапките не покажа некои забележителни резултати, со оглед дека поголем дел од постапките по споровите за кои е предвидена задолжителна медијација завршуваат без спогодба меѓу страните. Во однос на видот на споровите кои се решаваат по пат на медијација, најголем дел од нив се спорови за побарувања по основ на долг, надомест на штета и слично, додека како страни во тие спорови се јавуваат компании од различни економски сектори (трговија, транспорт, градежништво и други). Говорејќи за препораките како да се зголеми примената на медијацијата, посочи дека е неопходно да се дејствува во насока на јакнење на довербата на бизнис заедницата во медијацијата, што покрај промовирање на придобивките (ефикасност, економичност, доверливост на постапката и други) од страна на коморите, бара прмовирање и вклученост на сите други институции кои имаат интерес да ја поддржат медијацијата преку разни кампањи, медиуми/интервјуа/настапи, бесплатни медијации со цел согледување на предностите на медијацијата, бесплатни пилот медијации по сектори и слично. 
Стопанската комора на Северна Македонија, како најголема и најбројна бизнис-асоцијација, прва воведе поддршка за вршење на медијација како за членките, така и нечленките како нова услуга во своето портфолио на активности, за што отвори и канцеларија за вршење на дополнителните услуги. 


 

Служба за информирање при Комората