На 27.12.2021 година во Службен весник на РСМ е објавен Новиот Закон за медијација („Службен весник на Република С.Мaкедонија“ бр. 294/2021). Новиот Закон за медијација е влезен во сила од 04.01.2022 година односно осмиот ден од објавувањето во Службен весник на РСМ. Со денот на влегувањето во сила на НОВИОТ закон престанува да важи Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ број 188/13, 148/15, 192/15 и 55/16). Во делот на Преодните и завршни одредби во Законот за медијација („Службен весник на Република С.Мaкедонија“ бр. 294/2021) наведени се сите активности кои ќе следат во утврдените рокови.
Новиот Закон за медијација, кој на 23.12.2021 година беше изгласан во Парламентот, има за цел приближување на земјата кон Европската Унија, која, пак, во ситуација на разрешување конфликтни и спорни ситуации акцентот го става на алтернативното решавање на споровите и медијацијата како еден од нив.
Со новото законско решение ќе се овозможат услови за успешна примена на Законот во практиката, ќе се овозможи уедначена примена на законските одредби од страна сите медијатори, ќе се промовира медијацијата и резултатите од нејзината примена.
Во Законот се разработени начелата на медијацијата, целосно усогласени со Директивата на Европската Унија 2008/52/ЕС за медијација во граѓанските и стопанските спорови, како што се начелото на доброволност на медијацијата, начелата на рамноправност и неформалност, непристрасност, доверливост, достапноста на информациите од медијацијата во другите постапки, еднаквост на страните, правичност, ефикасност и економичност.
Предвидена е и новина во однос на начинот на полагање на испитот за медијатор пред Комисија што ќе влијае на создавање квалитетен, стручен и обучен кадар, кој успешно ќе ги извршува работите од областа на медијацијата.
Бидејќи кај медијацијата клучна е довербата, од големо значење е која личност ќе биде определена за лиценциран медијатор како лице што правилно ќе ги насочува страните во спорот кон постигнување заемна спогодба.
Во Новиот закон за медијација преку задолжителното пријавување на барањата за медијацијата во рок од три дена (и следење на нивниот тек) ќе се добијат податоци што ќе ги дадат параметрите на применливоста и успешноста на медијацијата во практиката и ќе се овозможи, врз основа на запишаните предмети во Регистарот, медијаторот да го оствари правото на субвенционирање на постапките за медијација.
Исто така, законското решение предвидува да се доуреди составот, надлежноста и начинот на работењето на Одборот за медијација односно сега Националниот совет за медијација (согласно новиот Закон), како тело надлежно за работите на медијацијата.
Со решенијата што ги нуди новиот Закон, ќе се зајакне медијацијата во нашата држава и ќе се обезбеди заслуженото место, а од друга страна, ќе зајакне правната сигурност на корисникот на медијацијата со што ќе се овозможи на многу побрз и сигурен начин да се остварат нивните права и интереси.
Исто така важно е да се напомене дека со потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Комората на медијатори и Владата, меѓу другото, им се препорачува на јавните претпријатија и на државните органи да ја препорачаат и користат медијацијата пред да одат во судска постапка.
Инаку, зошто е корисна постапката за медијација? Во процесот на медијација, нема победници и губитници, нема наметнување решенија, нема потреба некој друг да одлучува наместо страните во постапката. Самите страни со помош на трето неутрално лице – лиценциран медијатор, заеднички наоѓаат и доаѓаат до конструктивно прифатливо решение.
На суд речиси секогаш едната страна губи, другата победува, додека во процесот на медијација сите страни во спорот се согласуваат на решение што ним им одговара, односно сите се победници.
Всушност, медијацијата ја надополнува и олеснува судската постапка и може да започне како алтернатива на судската постапка.
Доколку во првостепена судска постапка за одредени видови спорови (медијабилни), судијата утврди дека спорот е погоден да се реши по пат на медијација, на страните може да им ја препорача таа опција.
Во Комората на медијатори на Република Северна Македонија во моментов се запишани 46 лиценцирани медијатори.