“ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО ЗА ЕКОНОМСКИ РАСТ”
➢ Актуелно (21.06.2022, во 15:03:32)
👁 Прочитано: 2603




КОРИСТЕТЕ ЈА МЕДИЈАЦИЈАТА ЗА РАСТЕРЕТУВАЊЕ НА СУДСТВОТО И ЗАЈАКНУВАЊЕ НА ДЕЛОВНИТЕ ОДНОСИ СО ПАРТНЕРИТЕ!
“ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО ЗА ЕКОНОМСКИ РАСТ”Кликни за повеќе

Делегацијата на германското стопанство и Македонско-Германското стопанско здружение на 21.06.2022 година беа организатори на панел дискусијата на тема: Владеење на правото за економски раст во Северна Македонија.

Целта на настанот беше да се запознаат актуелните и идните инвеститори со чекорите кои ги превзема Владата за постојано подобрување на бизнис климата а и да се слушнат останатите чинители (судии, адвокати, коморите, банките, медијаторите и сл.) за предизвиците со кои се соочуваат компаниите при секојдневното работење поврзани со правната сигурност и примената на законите. Бидејќи еден од најважните фактори за фирмите (и домашните и странските) е правната сигурност, на панел дискусијата акцент беше ставен на процесите во државата кои се превземаат за поголема правна сигурност.

Патрик Мартенс, директорот на Делегацијата на германското стопанство и заменик амбасадорот на СР Германија Ото Граф, во поздравните говори потенцираа дека нашата земја има многу добри закони усголасени со ЕУ легислативата, има многу добри правници, експерти и административци стручни во своите области, но потребно е да се работи на добра имплементација на законите и јасни постапки за правилна и ефикасна примена и реализација на истите. Тие подвлекоа дека е потребна комбинација на политичката и воља на целокупната структура и сите чинители активно да се вклучат во надминување на правните недостатоци и содавање поголема правна сигурност не само за странските туку и за домашните фирми и инвеститори.

Потпретседателот на Владата на Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ истакна дека столб на секое демократско општество е владеењето на правото и потребна е поголема транспарентност на иституциите за брз, лесен и континуиран пристап до информации за секого. Тој ги подвлече процесите на дигитализација во судството за негова поголема транспарентност и создавање подобра правна сигурност, како и доближувањето на РСМ до европското законодавство. Ги потенцираше и конкретните мерки и чекори кои Владата на РСМ ги превзема за сузбивање на корупцијата и криминалот во стопанството. 

Министерот за правда Никола Тупанчевски на трибината истакна дека еден од инструментите за зајакнување на довербата на граѓаните во судството и правната сигурност на компаниите е зголемување транспарентноста во работење на судовите.  Тупанчевски подвлече дека Министерството за правда во последните измени на Законот за судовите и на Законот за судски совет, се раководеше меѓудругото и од овие постулати, се со цел да се обезбеди владеење на правото и воедно да ја зајакне правната сигурност на граѓаните и компаниите во судскиот систем. Подобрување на бизнис климата ќе се овозможи и со процесот на дигитализација на судството. Со неа ќе се забрзаат постапките на сите нивоа, ќе се намали корупцијата, ќе се олесни доставувањето на докази и документи, а ќе се подобри и комуникацијата меѓу засегнатите страни и институции, рече Тупанчески.

Александар Шопов, судија при основен суд Велес, од неговата практична работа сподели како може да се заштитат инвеститорите, на што најмногу треба да се внимава, кои се најголемите предизвици и за судиите и ги потенцираше придобивките од Предлог Законот за парнична постапка кој е во собраниска процедура...

Адвокатот Игор Александровски ги апострофираше најголемите предизвици со кои се соочил при неговата работа на ова поле и даде предлози како може некои процеси и процедури да се поедностават за компаниите-инвеститори. Истакна, како и другите говорници, дека одговорност во системот мора да има од секого со цел да не се повторуваат грешките и да се стекне поголема доверба од страна и на компаниите и на граѓаните.

Емилија Спировска, член на УО на Прокредит банка Скопје на присутните им даде објаснување за законот за перење пари и неговата примена во праксата и подвлече дека и во нивните анкети кои ги прават меѓу своите клиенти најголем проблем и пречка во работењето претставува недовербата во правниот систем и потребата од добро владеење на правото.

На панел дискусијата, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија, лиценциран медијатори и лиценциран обучувач на медијатори најпрво истакна дека и во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија постојат Асоцијации на странски компании, но одговорите од анкетите и барањата и кај домашните и кај странските компании секогаш се дека е потребна поголема транспарентност, задолжителна консултација на бизнис секторот при креирање и носење на законите, да нема често менување на законите заради поголема предвидливост и добра примена на истите и секако да постојат олеснети процедури и достапност на информации за компаниите при нивното секојдневно работење.

На панелот, Георгиева Јовевска со компаниите го сподели нејзиното искуство до каде сме со процесот на промоција и користење на медијацијата во РСМ и ги повика компаниите доброволно да ја користат медијацијата.

Таа го потенцираше значењето на вклучување на медијацијата посебно кај трговските предмети, ги истакна сите предности (доброволност, доверливост, ефикасност, економичност, правичност, извршност-доколку Спогодбата постигната во медијација се солемнизира на нотар.....) на нејзино користење пред одење на суд, бидејќи медијацијата како алатка само може да му помогне на правосудниот систем и да го растерети судството од една и да создаде подобри деловни односи меѓу компаниите во иднина уважувајќи ги ЕУ-препораките и позитивните европски стандарди во работењето од друга страна. Медијацијата е најефтина алатка на решавање на споровите и за нејзино поголемо вклучување Георгиева Јовевска посочи дека е потребна поголема свесност за сите нејзини придобивки, за вклучување и на државата и нејзино користење кај медијабилните предмети и секако договорно вклучување во облигационите односи на медијацијата кај компаниите бидејќи со медијацијата секогаш двете страни добиваат, медијацијата е најбрза постапка и со медијацијата се решаваат не само сегашните туку и идните постапки, а што е најважно сите страни во постапката остануваат во добри деловни односи и по завршување на самата постапка. Во Германија и Холандија, на пример, над 80 проценти од бизнис споровите се решаваат по пат на медијација и затоа потпретседателот на Комората ги повика сите инволвирани страни активно да говорат за предностите на медијацијата со цел оваа алатка повеќе да се користи и да го добие своето заслужено место.  И според Извештајот на Европската комисија од 19.10.2021 година за напредокот на Република Северна Македонија во Глава: Владеење на правото и фундаментални права, Поглавје 23: Правосудство и фундаментални права наведено е дека: потребни се постојани напори за промовирање на употребата на алтернативно решавање спорови, вклучувајќи ги и трговските предмети. Во 2020 година, бројот на случаи на медијација е зголемен за 55% во споредба со 2019 година”.

Стопанската комора на Северна Македонија и Асоцијацијата за поддршка на медијацијата при Комората и во следниот период интензивно со државата и сите заинтересирани страни продолжуваат со активности за афирмирање, популаризација и поголемо користење на медијацијата.

д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска
потпретседател на Коморатa и советник на претседателот за економски развој и инфраструктура