Стопанската Комора на средба со СДСМ-дојде време кога треба да се случи обединување околу бизнисот
➢ Актуелно (01.04.2024, во 10:35:00)
👁 Прочитано: 1458





Стопанската Комора на средба со СДСМ-дојде време кога треба да се случи обединување околу бизнисотКликни за повеќе

Ставовите на Комората се јасни – ќе се бара отчет за секој потрошен денар, е пораката што претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески ја упати до сите политички партии на средбите во Комората во предизборниот период. На состанокот со претставниците на СДСМ Азески истакна дека буџетските трошења мора рационално да бидат поставени.

„Дојде време кога треба да се случи обединување на Македонија околу еден клучен приоритет-тој се вика бизнис, зашто бизнисот може да ги реши работите кои не можат да ги решат политичките елити. Низ праксата се покажало дека во кризните периоди бизнисот врви, иако политичките елити се обременети со тие проблеми, изјави пред новинарите претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески на средбата со претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Одговарајќи на новинарски прашања, претседателот на Стопанската комора изнесе став и за Законот за забрана на нефер трговски практики и листата на производи кои треба од есен да поевтинат. Според Азески листа не треба да има, а наместо тоа е потребно да се најдат други мерки и тоа пазарни.

Ковачевски, во изјава за медиуми, посочи дека средбите со бизнис секторот се секогаш добредојдени, особено во период пред изборите за да се слушне гласот на бизнис заедницата. Ставовите и предлозите на Комората се важни за креирање на идните политики за развој на економијата.


Во однос на идните чекори за поддршка на приватниот сектор и економијата, Ковачевски потенцираше дека можностите за развој на компаниите ќе се зголемат уште повеќе со членството на Македонија во ЕУ, а дополнителен позитивен импулс на економскиот раст ќе даде „Планот за раст во Западен Балкан“ на Европската Унија, кој меѓу другото значи пристап до единствениот европски пазар од половина милијарда луѓе со што за нашите компании ќе се отворат огромни можности. При тоа, Ковачевски порача дека европскиот пат носи и подобар живот и животен стандард за граѓаните, подобра работа за компаниите и дополнителни фондови за развој на нашата економија во сите сегменти.

Ружица Фотиновска
Кабинет на Претседател