НОВИ ФОРМИ НА ТРАНСПАРЕНТНОСТ ВО КОМОРАТА - ПОРТАЛ „ПРАКСА“
➢ Актуелно (29.08.2022, во 15:57:21)
👁 Прочитано: 4513




Брошура
НОВИ ФОРМИ НА ТРАНСПАРЕНТНОСТ ВО КОМОРАТА - ПОРТАЛ „ПРАКСА“Кликни за повеќеPraksa.mchamber.mk

Дуалниот модел на образование е одлична можност за младите средношколци, на практичен начин во текот на своето школување, да се насочат кон професии кои се барани од компаниите, да се стекнат со употребливо знаење, но и да дознаат што значи работа во реални услови, на работно место. На овој начин се обезбедува вработливост на младите кои го завршиле стручното образование, можност нивното знаење и вештини да бидат употребени, но и обезбедување стручен кадар за компаниите.

Во последните години, преку низа активности, процеси и настани се работеше на промоција на дуалното стручно образование и обука и на разбивање на предрасудите дека во стручните училишта се запишуваат само слаби ученици. Интересот за дуалниот модел на образование се зголеми и тој стана препознатлив од повеќе причини. Една од причините која е и основната карактеристика на дуалниот модел на образование е двојниот пристап: стекнување теоретски знаења во училишната среднина и стекнување практични вештини и компетенции на реално работно место.

Тоа ја наметна потребата за усогласена соработка помеѓу јавниот и реалниот сектор во одредени области преку дизајнирање квалификации од страна на образовните институции според потребите на реалниот сектор, подготовка на заеднички системски документи, финансирање, каде трошоците за практичната обука ги сносат компаниите, додека јавниот сектор ги финансира јавните училишта за севкупното стручно образование и обука. Од заедничката соработка имаа придобивка и училиштата и компаниите.

Вработувањето на учениците по нивното завршување од страна на компаниите, но и постигнувањето признанија и награди од страна на учениците од стручните училишта на национално и меѓународно ниво ја покажаа убавата страна на стручното образование.

Но сето ова може да помине незбележано доколку не постои транспарентност и видливост на процесите. За таа цел, на идеја на Стопанската комора, поддржан од Министерството за образование и наука и Центарот за стручно образование и обука, а со финансиска поддршка на проектот „Образование за вработување“ и Швајцарската амбасада, беше изработена дигитална платформа ПОРТАЛ „ПРАКСА“.

ПОРТАЛ „ПРАКСА“ е солидна алатка за афирмација на стручното образование и обука, дуалниот модел на образование и учењето преку работа во компаниите, презентирајќи ги сите активни чинители во процесот; олеснувајќи ја соработката помеѓу училиштата и компаниите; давајќи појасен преглед на самите постапки за реализација на практичната обука; обезбедувајќи документација и законска регулатива; прикажувајќи јасна слика на понудата и побарувачката на вештини и квалификации и информирајќи за сите активности во системот на стручното образование и обука. Всушност дигитална платформа „ПОРТАЛ ПРАКСА“ претставува систем за управување со процесите за впишување и вмрежување на верификуваните компании за реализација на практична обука, учениците од стручните училишта кои реализираат практична обука, сертифицираните ментори во верификуваните компании и обуките за ментори кои треба да се реализираат.

Порталот овозможува транспарентност, брза комуникацијата и подобрена соработка меѓу сите чинители (родителите и учениците; училиштата и компаниите, претпријатијата и фирмите).

Пристап до Порталот „ПРАКСА“: https://praksa.mchamber.mk/

Во прилог Брошурата за Порталот Пракса на веб страна на Комората .

На платформата Портал Пракса линк.

м-р Наташа Јаневска
Проектен менаџер во Стручната служба на Комората